Open Sunday - Thursday 08:00 to 00:00. Friday - Saturday 08:00 to 01:00. Hotel 24/7

За Битола

Битола е град во југозападниот дел на Македонија. Битола е административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за тој дел од Македонија. Градот е познат под името град на конзулите бидејќи тука се наоѓаат дел од конзуларните претставништва во Република Македонија. Битола е трет по големина град во Македонија според бројот на жители, додека по површина е втор. За време на Југославија бил еден од културните центри, како во Кралството Југославија, така и во СФР Југославија. Таткото на турската нација Кемал Ататурк завршил офицерска школа во Битола. Некои негови работи денес се чуваат во Битолскиот Народен музеј.

Културни споменици во Битола

Битолска тврдина

Битолската тврдина нарекувана и само Џепане (од турски cephane, во слободен превод муниција, односно барутана или арсенал) претставува споменик на културата од прва категорија во Македонија. Таа е изградена во 1876 година во форма на крст со вградени четири уникатни објекти од делкан камен. Објектот е сместен во битолската касарна. Објектот, кој е врвно архитектонско остварување на смилевските мајстори, кои иако по нарачка на валијата го изградиле во форма на крст, е место за културни настани и туристичка атракција. Во минатото Џепането ретко кој го посетил со оглед на тоа дека во времето на ЈНА бил магацин за оружје и се чувал како воена тајна, заштитен со стражарници, бодликави жици и замандалени челични порти, но денес со затворањето на касарната и давање на општината во владеење, објектот е отворен за посети и за поголеми инвестирања.

Легенда

Според истражувањето на битолскиот археолог Стевче Тодоровски, тврдината ги крие тајните симболи на смилевските мајстори. Објектот бил граден во време на битолскиот валија Ќоса Ахмет Зеки-паша, кој им понудил пари на мајсторите кога ја доградиле барутаната. Но, тие одговориле: „…преплатено е валија, за света работа пари не земаме“. Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна неговиот писар му покажал дека од спротивниот објект се гледа одлично изѕидан христијански крст формиран од обиколните ѕидови и згради. Дури и во ѕидот на еден од објектите мајсторите на камен изделкале крст, косо поставен за да не паѓа веднаш в очи.

Верски објекти во Битола

Цркви во Битола

Свети 40 Севастиски Маченици

Свети 40 Севастиски Маченици е црква која се наоѓа на Кркардаш во битолскиот Смилевски Баир. Била подигната пред 150 години, на местото каде постоел некогашниот манастир “Свети Атанасие”. Кога турскиот аскер ја освојувал Битола, калуѓерите од манастирот пружиле жесток отпор борејќи се на тој начин што на едната рака носеле крст а на другата меч. Во чест на овие 40 калуѓери, подигнат е манастирот “Св 40 маченици” додека славата на ова црквиче е секоја година на првиот ден на пролетта. Во близина на манастирот е ЦОУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, битолскиот Баир, како и меѓуградскиот стар патен правец кој го поврзува Прилеп преку Битола до Охрид.

Црква „Св. Димитриј“ – Битола

Свети Великомаченик Димитриј Солунски претставува православна црква во Битола. Административно припаѓа на Битолското архиерејско намесништво на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ – ОА. Оваа црква изградена е 1830 година, а камбанаријата е изградена 1936 година. Градена е во форма на трибродна базилика, со странични галерии. Целиот иконостас е изработен во позлатена резба од вештите раце на засега непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори. Во 2005 година, конзерваторите од Битолскиот завод и музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата откриле дотогаш непозната фреска со претстава Исус Седржител. Фреската е на централниот дел од сводот на црквата кој повеќе од еден век бил покриен со црнила од горењето свеќи, така што долго време вредните историски уникати биле непознати.

Црква „Св. Богородица“ – Битола

Црквата Света Богородица се наоѓа во центарот на градот Битола, на десниот брег на реката Драгор веднаш до училиштето Св. Кирил и Методиј. Таа е втора црква по големина во Битола, и е изградена во периодот 1870-71 година со голема помош на доктор константин Мишајков и на Димитрие Робев (според спомен плочата која и денес се чува во Митрополијата во Битола)[1]. Оваа црква претставува трикорабна базилика, со тремови од јужната, северната и западната страна и со катни галерии. Но, за разлика од црквата св. Димитрија овде се појавува и купола во форма на луковица, која заедно со другите елементи, како што се овалните прозорци од типот на окулуси, барокната атика на северниот портал и слични елементи, јасно укажува на продорот на необарокните влијанија, меѓутоа истите локално модифицирани, во традиционален тип на сакрален објект карактеристичен за 19 век на ова подрачје. Ваквите европски влијанија се сосема логични ако се земе во предвид периодот кога е изградена, односно се поизразените трговски врски на Битола со Европа, како и школувањето на младата буржоазија во тие земји. Самото градење на оваа црква која подоцна ќе стане катедрална црква на егзархијата, фактички ја изразува целокупната борба на битолското граѓанство против елинизацијата.

Џамии во Битола

 

Исак џамија

Исхак Челеби Ибн Иса џамија е изградена во 1506 год. и таа е една од најстарите зачувани џамии во Битола. Наспроти Саат Кулата, и Големиот Безистен, оваа џамија чиј минарет е висок околу 50 метри, едноставно доминира во просторот.

Оваа џамија била само дел од големиот вакаф на ктиторот кој освен оваа џамија изградил и медреса, мектеб, 103 дуќани, лозја, 20 воденици и многу други објекти.

Хераклеја Линкестис

 

Хераклеја Линкестис (или Хераклеја Линкестидска) е древен град, основан од македонскиот крал Филип II Македонски, којшто се наоѓа на јужната периферија на градот Битола, во подножјето на планината Баба. Името го носи името според Херакле, митскиот јунак и родоначалник на македонската кралска династија Аргеади, додека епитетот Линкестис со значење “Линкестидска”, доаѓа од називот на регионот Линкестида во кој се наоѓал градот, а во кој живеело древното македонско племе Линкестиди. Сместена во плодна рамнина, од север заштитена од планината Баба, односно ридот Тумбе Кафе и реката Сива Вода на југ, Хераклеја опстојала и се развила во една значајна раскрсница на патот Виа Игнација (лат. Via Ignatia) кој ги поврзувал Драч и Босфор. Од Хераклеја патот дијагонално се протегал кон Стоби, а потоа кон Сердика (ден. Софија).

Национален парк Пелистер

 

Националниот Парк Пелистер зафаќа површина од 17.150 хектари – надморска височина од 927 до 2601 m. Изобилува со уникатни природни богатства и претставува дом на ретки и ендемични животински и растителни видови.

За да ги видите и доживеете сите убавини на планината Баба и Пелистер, на располагање ви стојат бројни пешачки патеки: Детската, Историската, по Камењарот…

Не ви е потребна посебна физичка кондиција, туку само добра волја.

Заштитен знак на Пелистер се бистрите изворски води во кои ќе ја забележите пелистерската и пелагониската пастрмка, водопадите, и  планинските езера, неколку сезонски и двете леднички – Големо и Мало езеро, познати уште како и Пелистерски Очи.

Велат, кој еднаш бил на Пелистер, сигурно ќе дојде пак…

Национален парк Пелистер